МЛАД МУЗИЧКИ УМЕТНИК

 

 

Неговото меѓународно оперско деби, на 24 години, кога како најмлад солист се искачи на сцената на престижната оперска куќа во Грац беше запаметено како извонредно и единствено. Баритонот Иван Наумовски кој во моментов е студент на магистерски студии на Универзитетот во Грац, веќе ги освојува оперските и концертни сцени низ Австрија и Европа, каде сите негови настапи се дочекани со едногласно воодушевување од публиката и критиката. Наумовски добива блескави оцени, не само поради својата извонредна вокална интерпретација и музикален пристап, туку и поради зрелоста и проникливоста во донесувањето на ликовите на сцената. Главните улоги во оперите на Доницети, Моцарт, Лехар, Наске, концертите во Осло и низ настапи во 2014 година го означија почетокот на една несомнено блескава меѓународна оперска кариера на младиот уметник, за кој светот допрва ќе чуе.   

 

КАМЕРЕН АНСАМБЛ

Повеќе од една деценија, виолинистите Анна и Олег Кондратенко ги обединуваат своите индивидуални уметнички квалитети во заеднички сензибилитет, збогатувајќи го македонскиот концертен простор со емотивните бранувања на камерното музичко творештво. Во придружба на пијанистката Марија Вршкова, која е нивен редовен музички сопатник, дуото Кондратенко може да се пофали со зад себе бројни настапи на концертните подиуми во земјава и во странство, реализирани звучни записи за Македонската телевизија, официјално ЦД издание... Техничка супериорност, софистицираност која го одразува високото достоинство на македонската музичка мисла се одлика на настапите на Анна и Олег Кондратенко, дуо кое со силна посветеност го негува раскошното богатство на камерната музика од сите епохи и стилови.  

МУЗИЧКИ ПУБЛИЦИСТ

Тања Вујисиќ-Тодоровска е исклучително име во балетската уметност на Македонија, како на полето на сценската уметност, така и на полето на педагошката дејност. По заокружувањето на својата плодна балетска кариера во која одигра над 40 водечки улоги во повеќе од 300 балетски претстави, фокусот на Вујсиќ беше насочен кон педагошката и истражувачката работа. Плод на таа посветеност, труд, љубов и ангажман во минатата година беше монографијата „Моделирање на педагошката работа на балетските репетитори“, која претставува прв научен труд кој го третира комплексниот проблем на моделите на педагошката работа на репетиторите на балетската уметност во Македонија. Познавачите на балетската уметност оваа книга ја оценија како публикација „која со својата научно-методолошка структура и физиономија поседува елементи на уникатен пристап кон педагошките димензии.“ 

МУЗИЧКИ НАСТАН

Компактната,презицна и моќна изведба која ја слушнавме на јубилејниот концерт на Македонската филхармонија со рускиот гигант на пијаното, Борис Березовски, го потврди овој музички настан како еден од најуспешните не само во годината која измина, туку и во последната деценија. Концертот, под диригентската палка на гостинот од Русија, Дмитри Лис, одржан кон самиот крај на годината, критичарите го оценија на ниво на големината на настанот: одбележувањето на седумдесетгодишнината од основањето на националната институција. Березовски ја „покори“ македонската публика со својот грандиозен Чајковски, во кој дојдоа до израз сите потенцијали на овој чудесен пијанист. Изведбата на националниот оркестар под палката на рускиот маестро безрезервно може да се квалификува како еден од најзначајните концерти од класичната музика во последната деценија. 

КОМПОЗИТОР

 

За творештвото на Дарија Андовска критичарите велат дека зборува со повеќе различни јазици, ги допира сите човечки сетила, ги бранува емоциите, го поттикнува и стимулира слушателот. Импресивното уметничко портфолио ја етаблира оваа македонска композиторка во современ автор од светски ранг, а остварените активности во изминатата година само го потврдија нејзиниот  креативен од. Во 2014 година, композициите на Андовска прозвучеа на концертните сцени во Швајцарија, Украина, Русија, Полска, Германија, Турција, САД и Македонија, во изведба на реномирани ансамбли и солисти, се најдоа на носачи на звук, а беа емитувани и на бројни европски радио станици. Минатата година, Андовска го доби и највисокото одличје во својата досегашна кариера – признанието „Истакнат уметник на градот Цирих“, кое ѝ го додели Градоначалникот на швајцарскиот град, а од македонската музичка фела ја доби и Првата награда за камерно дело на Конкурсот за нови музички дела. 

МУЗИЧКО СЦЕНСКИ УМЕТНИК

Македонската примабалерина Александра Мијалкова со својата сугестивно изнијансирана игра со која ги обликува расположенијата на ликовите, техничко-танцовата доминација и креативност, минатата година се трансформираше од Одета, Рајмонда, Далила, Лили во Маргарита во „Дамата со камелии“. Нејзина игра ги освои сцените на гостувањата во Виена и Рим, каде во улогата на Лили во современиот балет „14 часа“, собра бурни аплаузи и овации. Мијалкова ја одбележа 2014 година со широк дијапазон на театарски улоги, кои ги толкуваше со одмереност, лирика, прецизност и емотивност.

МЕЃУНАРОДНА АФИРМАЦИЈА

 

Големото оперско деби на сцената на најпрестижната оперска куќа во светот, Метрополитен во Њујорк, во улогата на Кралицата на ноќта од „Волшебната флејта“, за оперската примадона Ана Дурловски значеше најголемо признание во нејзината досегашна кариера, успех кој ја зацврсти Македонија на светската оперска мапа. Ана го воздигна до височините комплексниот лик, воодушевувјќи ги критичарите со својата совршена техника и страствена динамика. Уверливо, со „ласерска“ прецизност во интерпретацијата, волшебна колоратура, кристално јасен тембр и совршена фразеологија, Дурловски продолжува да се искачува на скалилата на европската и светска оперска уметност каде во изминатата година воодушевуваше и во улогите создадени од Доницети, Белини, Офенбах... 

МУЗИЧКИ ИЗВЕДУВАЧ

Повеќе од 20 години плодна творечка уметност, вложена љубов, енергија, посветеност диригентот Саша Николовски-Ѓумар ги раздвижува македонските ансамбли преку кои создава импресивни музички креации. Својата музикалност, експресивност и енергичност, минатата година тој „ги распосла“ на концертните и оперски сцени во Македонија и надвор од нејзините граници, диригирајќи оперски претстави, класичен симфониски репертоар, но и филмска музика и симфониски концерти за најмладите. „Со неверојатен интензитет што ги надминува диригентските норми на стандардниот симфониски концерт“, „професионално и со драматика“ – се дел од запишаните импресии за изведбите кои на професионален план ја одбележаа 2014 година за диригентот Саша Николовски-Ѓумар.