Музички организатор

/images/2014/organizator.jpg

Македонската опера и балет (МОБ) е реномирана национална институција со повеќе децениска традиција во доближување на оперската и балетската уметност до македонската публика, институција која инспирира, забавува и едуцира, преку споделување на уметничкото искуство на познати и помалку познати оперски и балетски претстави од светското и националното музичко наследство,  преку поставување на модерни и современи продукции, со што го подига квалитетот на животот во земјата и регионот. Свесна за значењето на општествената улога, Македонската опера и балет како одредница ги зема современите трендови во креативната индустрија континуирано стремејќи се да креира нова публика.

Камерен ансамбл

/images/2014/kameren.jpg

Две децении исполнети со музика. Со постојано заедничко музицирање кое критичарите ќе го оценат како едно и единствено. Бидејќи, двајцата уметници кои го чинат „Дуото Кировски“ - Љубиша Кировски на виолина и виола и Маја Шутевска-Кировска на пијано, чија уметничка кариера годинава полни 20 години, дишат во еден здив. Звуците на виолината, виолата и пијаното се слеваат во една непрекината музичка мисла која плени во нејзиниот израз. Ова македонско Дуо може да се пофали со зад себе бројни настапи во земјава и во странство, со изданија (ЦД-а) кои несомнено ја исполнуваат празнината во т.н. трајни звучни вредности, со силна посветеност на македонското современо музичко творештво. Дел од композиторите своите дела ги пишуваат токму за овој состав, а „Кировски“ умеат тоа двојно да го возвратат, со прекрасни изведби кои се паметат, со многу аплаузи.

музички публицист

/images/2014/publicist.jpg

Бранка Костиќ Марковиќ е уникатна појава во македонскиот медиумски простор. Особено стручниот и професионален пристап, но во истовреме и крајно телевизичен и прагматичен, ја прави подеднакво популарна и почитувана и во професионалните музички кругови, но и кај пошироката културна јавност. 2013-та година е особено успешна за неа со остварени над 20 авторски емисии во кои покрај останатите прилози посветени на македонските фестивали, институции, публикации, меѓународни и домашни концертни случувања се вбројуваат над 60 интервјуа со истакнати македонски и странски уметници. За нејзин посебен придонес минатата година се смета документарниот филм – своевидна видео-монографија за Илија Николовски – Луј по повод одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање, чија премиера се случи на 22. март 2013 година, пред преполното фоаје на Македонската опера и балет.

млад музички уметник

/images/2014/mlad umetnik.jpg

„Македонија го има најдобриот хармоникаш во светот!“. Вака некако гласеа насловите на текстовите објавувани во македонските медиуми особено минатата година, информирајќи ја јавноста за големите успеси на Александар Коловски. Тој ги освојува престижните концертни сцени во Европа и светот, и секаде каде што настапува, публиката и критиката едногласно се воодушевува на неговата виртуозна техника, импресивниот начин на свирење, музикалниот пристап и особено, неговиот „нервен“ темперамент. Овој млад хармоникаш со кој се гордее неговата земја Македонија досега е победник на повеќе од 15 меѓународни натпревари, од кои се издвојуваат Светскиот куп за хармоника Ц.М.А „Trophee Mondiale“ во сениорска категорија за класична музика во Вашингтон, како и победата во категоријата на сениори за вариете музика на Светскиот натпревар за хармоника во Кастефиладро, Италија. Коловски е класичен хармоникаш, но неговиот силен интерес и кон вариете музиката, во која се содржани тангото, француската музика, џезот, го издвојува од останатите хармоникаши не само во Македонија, туку и во регионот и Европа. Во 2013 година, Коловски го доби признанието „Личност на годината“ од весникот Нова Македонија, за високи достигнување во областа на културата. 

Музички настан

/images/2014/nastan.jpg

Настапот на најголемиот жив композитор на денешнината, полјакот Кшиштоф Пендерецки на фестивалот „Охридско лето“ беше уште еден врвен настан кој ќе се впише на листата на најзначајни концерти во историјата на најстариот фестивал во земјава. Пендерецки е еден од најценетите живи композитори денес, автор на многу дела за кои доби престижни награди и признанија, а неговата музика е меѓу најизведуваните од современата литература на 20 и 21 век. Авторскиот концерт на славниот полски авагарден композитор беше вистинско уживање за поклониците на неговата револуционерна музичка мисла. Присуството на композиторот Пендерецки на фестивалот „Охридско лето“ е значаен музички настан кој безрезервно може да се квалификува како најзначаен концерт од класичната музика во последниве неколку децении. 

музичко-сценски уметник

/images/2014/scenski umetnik.jpg

 

Мајсторот на драмата и патосот на оперската сцена и концертните подиуми во Македонија е првенката на Македонската опера, сопранот Весна Ѓиновска- Илкова. Минатата година премиерно ја изведе улогата на Одабела во Вердиевиот суров „Атила’’, а македонската публика ја запозна и со творештвото на Верди, Вагнер, Пучини, Аврамовски. Својата хуманост ја покажа со низа настапи во хуманитарни цели, а промоцијата на нашата култура и уметност заедно со матичната куќа ја реализираше во „Аула симфоника’’ во Џакарта.

КОМПОЗИТОР

/images/2014/kompozitor.jpg

Еден од доајените на македонската музичка продуктива, композиторот Љубомир Бранѓолица во 2013 година го создаде балетот „Александар Трети Македонски“, со што неговото повеќедецениско обемно творештво бележи импозантна бројка на авторство на осумнаесет балети, како еден од најплодните композитори од овој жанр. Балетската претстава „Александар Трети Македонски“ со која се затворија 36. Денови на Македонска музика, премиерно беше изведена на сцената на Македонската опера и балет, во чија реализација учевствуваа Роналд Савковиќ, Хрватска - кореографија, Ансамблот и Оркестарот на МОБ со кој диригираше Борјан Цанев, балетските уметици Василиј Чичијашвили, Александра Мијалкова, Ивана Коцевска, Бобан Ковачевски и Трајче Стојковски, Александар Ношпал - костими и Зоран Костовски – сценографија. Минатата година „Скопскиот фестивал“ на Љубомир Бранѓолица му ја додели и Наградата за животно дело.

меѓународна афирмација

/images/2014/megjunarodna.jpg

„Интуитивна, елоквентна и прецизна во својот израз“ – епитетите кои за Гордана Јосифова – Неделковска ги изрече големиот Енио Мориконе, зборуваат за музичар кој со години ниже успеси на меѓународната концертна сцена. Македонската „префинета поетеса на обоа“ со своето музицирање ги допира срцата на публиката и критиката низ Европа. Јосифова-Неделковска, чиешто име е синоним за совршеност на музицирањето, ужива голем углед во музичките кругови низ континентот, а во 2013 година ги проследивме нејзините настапи во Шпанија, Чешка, Италија, Франција, Црна Гора и Србија. На овие сцени Јосифова-Неделковска музицираше во „партнерство“ со реномирани уметници и ансамбли како пијанистите Анета Доловалова, Владислав Броневетски, Константино Катена, Елена Атанасовка, квартетот Савинио, чембалистот Игнаси Џорда, харфистката Флораледа Саки, флејтиската Хиун Јунг како и Симфонискиот оркестар на Рим под диригентско водство на Емилијано Патара. 

Музички изведувач

images/2014/izveduvach.jpg

Човекот кој години наназад е „виновник’’ за развојот на уметничките капацитети на нашиот национален филхармониски оркестар, честиот гостин позади диригентскиот пулт на Софиската филхармонија е маестро Борјан Цанев. Минатата година под неговата диригентска палка настапија младите уметници Софија Никоска, Дино Имери, Васко Дукоски, но и легендарниот пијанист Иво Погорелиќ. Заедно со Македонската филхармонија, Цанев им ја приближи класичната музика на дечињата, а на оние повозрасните премиерно им го долови звукот на „Александар 3-ти Македонски’’ со Оркестарот на Македонската опера и балет. Музичката критика ке напише дека „со извонредниот македонски диригент Борјан Цанев, Црногорскиот симфониски оркестар се надминал себеси.“