Категорија “Млад музички уметник“

     

Веќе изграден и афирмиран пијанист, Дино Имери со посветеност, љубов и искреност цврсто чекори по патот на успехот. Под менторство на Симон Трпчески, кој е негов професор на постдипломските студии при Факултетот за музичка уметност во Скопје, Имери го претставува својот раскошен музички талент на концертните подиуми на „Охридско лето“, “Есенски музички свечености“, како солист со Биг бендот на ФМУ од Скопје, во дуо со виолончелистот Кирил Јосифов. Покрај богатата концертна активност во 2012 година, неодамна Имери го отвори циклусот „Пијанофортисимо“ со свој концерт во прочуената сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб, каде дури по четири биса се раздели од воодушевената публика. Со својот втор воодушевувачки рецитал во хрватската метропола тој ширум си ги отвори портите на тамошните концертни сали каде често настапуваат светски познати уметници.