На 28 јануари 2014 година, програмскиот одбор за наградата „Виртуози“  ја одржа својата прва седница на која беа утврдени категориите за кои ќе се доделува наградата но и организациите кои ќе имаат право да достауваат предлози за номинации. Програмскиот одбор, освен досегашните редовни членови (Македонска филхармонија,  Македонска опера и балет, Сојуз на композиторите на Македонија – СОКОМ), покани и претставници на Факултетот за музичка уметност во Скопје и на Сојузот на музички уметници на Македонија – СМУМ, да земат свое учество во работата на одборот.

          Оваа година, организаторот ќе додели награди во 9 категории, и тоа: музички организатор,  камерен ансамбл, музички публицист, млад музички уметник, музички настан, музичко-сценски уметник, композитор, меѓународна афирмација и музички изведувач на годината.

          За разлика од минатата година, овојпат е намален бројот на организации со право на номинирање кандидати за наградата, а тоа се најрелевантните национални установи, високообразовни институции и стручни здруженија во државата: Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Охридско лето, Факултетите за музичка уметност во Скопје, Штип и Тетово, Музичката младина на Македонија, Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, Дирекцијата за култура и Сојузот на музичките уметници на Македонија.

          Официјалната листа на номинираните кандидати ќе биде позната на 15 февруари, а за наградените ќе одлучува стручна жири комисија кои ќе бидат познати на почетокот на март, кога на свечен настан ќе бидат доделени.

          Наградата беше востановена минатата година, по иницијатива на Министерството на култура на Р. Македонија, СОКОМ, Македонската филхармонија и МОБ, а меѓу првите добитници беа Македонската филхармонија, камерниот ансамбл Мјузик прогресив квартет, музикологот Марко Коловски, младиот пијанист Дино Имери, манифестацијата “Денови на македонска музика“, оперската дива Ана Дурловски, композиторот Дарија Андовска, нашиот национален уметник Симон Трпчески и пијанистот Марија Вршкова.

Поддржано од