Категорија “Музички организатор“

    

Македонската филхармонија во 2012 организираше низа концерти со солисти и диригенти кои го подигнаа нивото на институцијата. Меѓу нив се издвоија украинскиот пијанист Алексеј Горлач, виртуозниот француски виолончелист Готје Капусон, победничката на меѓународниот натпревар „Чајковски“, Мајуко Камио, една од најбараните виолинистки во светот, ексклузивец на издавачката куќа „Сони Класикс“... Во Скопје гостуваше и светски познатото дуо Игудесман и Џу кои презентираат класика растоварена од строгите правила на изведба. Како солисти настапија и домашни изведувачи, а оркестарот го водеа диригентите Емил Табаков, Еван Крист, Пол Мејер, Мартин Пантелеев.... Филхармонијата направи обид и за стимулација на домашното музичко творештво и преку конкурсот за дело за симфониски оркестар, кој претставуваше одлична шанса за домашните композитори. Естрадниот магазин Бекстејџ на Македонската филхармонија и ја додели награда „УСПЕХ“ за „Најуспешна културна институција за 2012“.

Категорија “Камерен ансамбл“

    

Иако сите членови на Мјузик прогресив квартет се образувани врз постулатите на класичната музика, музиката која ја интерпретираат ги комбинира во себе сите жанри кои за музичарите во овој квартет се примамливи.Досега имаат издадено еден компакт диск, а минатата година имавме можност да ја следиме нивната турнеја низ Македонија заедно со West Coast Symphony и при тоа ги проследиме нивните аспирации  како што самите велат да создадат „нов звук на светската музичка сцена презентирајќи го македонскиот традиционален фолклор со влијание на модерниот џез отсвирено на инструменти застапени во класичната музика.’’

Категорија “Музички публицист“

 Марко Коловски 

Извонредната музиколошка и публицистичка дејност на Марко Коловски во 2012 година беше збогатена со околу 40 рецензии за концертите на Македонската филхармонија, фестивалот „Денови на македонска музика“, „Златна лира“, „Охридско лето“ и други, два поопширни музиколошки трудови – „Македонската музика на Трибината на музичкото творештво на поранешна Југославија 1964-1990“ и „За некои аспекти на соло песните на Кочко“, како и со два циклуса емисии за програмата на Радио Скопје – авторските емисии „Еф Ем Класик“ и циклусот „Од авторскиот албум на...“. Коловски во публицистиката изминатата година беше присутен и како автор на десетина рецензии на книги, портрети на музички творци и уметници. Минатата година Коловски ја доби наградата „Панче Пешев“ за најзначајното негово остварување, монографијата „Томислав Зографски – живот и дело“, издадена во 2011 година, која СОКОМ ја доделува за најдобро ново изведено или публикувано дело во претходната година.

Категорија “Млад музички уметник“

     

Веќе изграден и афирмиран пијанист, Дино Имери со посветеност, љубов и искреност цврсто чекори по патот на успехот. Под менторство на Симон Трпчески, кој е негов професор на постдипломските студии при Факултетот за музичка уметност во Скопје, Имери го претставува својот раскошен музички талент на концертните подиуми на „Охридско лето“, “Есенски музички свечености“, како солист со Биг бендот на ФМУ од Скопје, во дуо со виолончелистот Кирил Јосифов. Покрај богатата концертна активност во 2012 година, неодамна Имери го отвори циклусот „Пијанофортисимо“ со свој концерт во прочуената сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб, каде дури по четири биса се раздели од воодушевената публика. Со својот втор воодушевувачки рецитал во хрватската метропола тој ширум си ги отвори портите на тамошните концертни сали каде често настапуваат светски познати уметници.

Категорија “Голем ансамбл“

   

Македонската филхармонија во 2012 година реализираше низа концерти со кои ја придвижи класичната музичка сцена кај нас и за кои имаше позитивни рецензентски одгласи во медиумите. Одличен избор на солисти и диригенти, праизведби на дела од светската музичка литература, но и домашни автори ја одбележаа минатогодишната концертна активност на Македонската филхармонија. Во 2012 година на концертниот подиум на Македонската филхармонија ги чувме украинскиот пијанист Алексеј Горла, виртуозниот француски виолончелист Готје Капусон, виолинистката Мајуко Камио... Во Скопје гостуваше и светски познатото дуо Игудесман и Џу кои презентираат класика растоварена од строгите правила на изведба. Во минатата сезона со филхармонијата го чувме и бугарскиот виолинист Веско Ешкенази. Како солисти настапија и домашни изведувачи, а оркестарот го водеа диригентите Емил Табаков, Еван Крист, Пол Мејер, Мартин Пантелеев, Борјан Цанев и други.

Категорија “Музичка манифестација“

    

Фестивалот „Денови на македонска музика“ во континуитет, со децении наназад, се грижи да ја афирмира, да ја промовира, да ја негува, па дури и да ја создава македонската сериозна музика која без него ќе беше ставена само на нотен лист и ќе чекаше некоја среќна околност да прозвучи во етерот и да биде пласирана пред јавноста. ДММ во истовреме е и поле на чие  тло се раѓааат новите музички плодови, тој е и подиум кој се стреми да биде во чекор со светските звучни тенденции.Минатата 2012-та година фестивалот ДММ оствари низа на концерти, промоции, трибини. Меѓу нив за паметење се: „Балетска рапсодија“ во чест на Љубомир Бранѓолица, Концерт на квартетот саксофони „Саксофонквадрат“ од Германија, редовните Камерни концерти со македонски дела и исполнители, концерт на „New Born Choir“ од Косово, на триото „Арденца“ од Бугарија, на Македонската филхармонија со дела од македонски композитори, aвторскиот компакт-дискови на Љубомир Бранѓолица, Томе Манчев, Александар Џамбазов, Снежана Анастасова-Чадиковска; како и промоција на книгата „Томислав Зографски - живот и дело“ од Марко Коловски.

Категорија “Музичко-сценски уметник“

    

Некои ја нарекуваат волшебна, останатите кралица, некој пак славеј,а другите дива.Овие епитети ги понесува вистинскиот професионалец, дама пред се која воспостави нови вредности во репродуктивната уметност во Македонија.За неа ке речат дека е беспрекорна во интонацијата, со совршена фразеологија и неверојатни динамички нијансирања, кристално јасни колоратури и тембр кој во високите регистри ги пробива звучните бариери, способност да го антиципира сижето и го претстави само со својот вокал и покрај впечатливата актерска игра. Всушност досега набројаните карактеристики се само дел од она што ги чини Кралицата на ноќта, Розина, Џилда, Дона Ана, Аделе, Антонида и Лучија ликови оживотворени преку оперската певица Ана Дурловски.

Категорија “Композитор“

    

Иако Дарија Андовска припаѓа на генерацијата млади музички автори, таа веќе поседува импресивно портфолио за кое знаат овдешните луѓе од музичката фела, но и оние од светот. Затоа што Андовска е активна годиниве наназад и на европската и на светската музичка сцена.Нејзиниот творечки порив во 2012-тата година беше означен со создавањето на  оригинална музика за претставата „Околиска болница“ од Христо Бојчев, во режија на Јане Спасиќ, оригинална музика за претставата „Аквариум“ од Рефет Абази, во режија на Лука Кортина од Италија, музика за преставата ,,Духот на слободата“ на Горан Стефановски, во режија на Лука Кортина, музика за уметничкиот филм „Drops“, во режија на Димо Попов... Нејзините дела минатата година го заобиколија светот и доживеаја меѓународно претставување на европските концертни сцени. Такви беа: a/e/spera, „Молитва“, „ДоРМиРно“, како и музиката за претставата „Аквариум“ и музиката за немиот филм „Лудилото на доктор Туб“ од Абел Ганц.

Категорија “Меѓународна афирмација“

    

Светските критичари го нарекуваат виртуоз со извонредна музикалност, емоции и темперамент, чие музицирање е комбинација на заслепувачка техника и деликатна експресивност. Симон Трпески на патот на својата интернационална кариера понесе уште многу други епитети, изградувајќи се во еден од најимпресивните млади пијанисти во светот. Повеќе од една деценија присутен на светските концертни подиуми, тој во 2012 година гостуваше на речиси сите континенти во престижни сали, настапувајќи со големи диригентски имиња и оркестри: Лорин Маазел, Васили Петренко, Јакуб Хруса, Џејмс Мекмилиан, Сер Марк Елдер, Робин Тичиати, Филип Џордан, Кшиштоф Урбански,  Њујоршката филхармонија, филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес, Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул, Симфонискиот оркестар на Сиетл, Филхармонија оркестар и многу други.

Категорија “МУЗИЧКИ ИЗВЕДУВАЧ“

    

За Марија Вршкова, музичката критика ќе каже дека е уметница која со својата експресивност и даде печат на македонската пијанистичка школа на почетокот на 21. век. Вршкова се вбројува во редот на најголемите афирматори на современото и особено македонското музичко творештво, секогаш вклучувајќи композиции од домашниот опус во својот богат репертоар на солистичка и камерна музика. 2012 година за Вршкова ќе остане забележана по македонската праизведба на „Квартетот за крајот на времето“ на Оливие Месјан, концертите во рамките на фестивалите „Денови на македонската музика“, „Охридско лето“, „Есенски музички свечености“, каде настапи како солист на пијано музички партнер на Страшо Темков, Анна и Олег Кондратенко, Никола Паскалов, Ангелина Катмерова, Владимир Костов во камерното музицирање.